Јавна расправа за кривичниот законик – голем број критики од правните експерти, бараат дури и да се доработи

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Голем број забелешки за измените на Кривичниот законик искажаа бројни експерти од кривичното право кои дебатираа на јавната расправа за измените на овој закон. Главен фокус беше ставен на членот 353 кој се однесува на оние измени кои беа направени во 2023 година со што се амнестираа функционери, како и на измените кои се однесуваат на кривични дела од Сејф сити системот. Ана Чупеска во својство на професор критикуваше дека овие измени се правна козметика и инструмент на моќта за заштита на политичките елити.

„Не мора да бидете кривичар за да препознаете кога правото престанува да биде штит за граѓаните и се трансформира во инструмент на моќта и заштитник на политичките елити. Се воочува свесно амнестирање на службени злоупотреби преку перфидни би рекла јазични замки и преку субсидијарни клаузули.“, вели Чупеска.

Професорот Сејфула Османи предлага дополнување на Кривичниот законик, делата со злоупотреба на функционерите да не може да застари, што како што посочи, е пракса во Албанија.

„Јас би додал уште еден став во тој член 353, одредбите од член 107 до 111 од КЗ за застареност не важат за ова кривично дело а ниту за кривичното дело 353 В.“, рече Османи.

Адвокатката Ружица Николовска пак рече дека измените се квалитетни.

„Конкретниов предлог на текст со членот 353, измените во тој дел, го поздравувам и сметам дека се врши една корекција. Се додава и искористување на службената положба или овластување на лицето а видно од самата одредба се зголемуваат казните односно се заострува казнената политика.“, подвлече Николовска.

Сепак, адвокатот Звонко Давидовиќ укажува дека е потребно доработување на законот бидејќи има одредени недоследности не само во членот 353 во кој не е предвидено одземање на имотната корист кои би ја стекнале функционерите, туку и во одредбите кои го опфаќаат Сејф сити системот.

„Се предвидува кога може да се одземе возило ако вози 50 или 70 километри зависно од местото каде. Но никаде не се предвидува да се одземе возило заради 1,5 промили алкохол или дроги кое што е поопасно. 50 километри или 1,5 промили алкохол? Страшно.“, коментира Давидовиќ.

Измените на Кривичниот законик доаѓаат по голем број критики од Европската комисија како и на инсистирање на претседателот на Уставниот суд. Во исто време во Министерството за правда работна група подготвува целосно нов Кривичен законик, но за сега нема информации кога тој ќе се најде пред пратениците на усвојување.