Јавниот долг годинава 10,2 милијарди евра – Јанкуловски: Банката за брзата пруга е избрана, каматата ќе ја објавиме кога ќе биде конечна

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Јавниот долг до крајот на годинава ќе се искачи на 60,9 проценти од БДП и ќе изнесува 10,2 милијарди евра, а 2026 година ќе ја завршиме со јавен долг од 62% и земјава ќе должи над 11,1 милијарда евра. Ова во емисијата Бизнис 21 го откри заменик министерот за финансии Николче Јанкуловски. Тој потенцираше дека планот е фискална консолидација и спроведување на фискалната стратегија според која за неколку години долгот треба да го намалиме под 60 проценти од БДП. Јанкуловски кажа дека издавањето на еврообврзницата од 950 милиони евра е во тек и планот е да се издаде во јануари 2026-та.

Јанкуловски: Планираме 60,9 проценти за 2025 година. Она што го кажавме и на самиот почеток на 2025-та.

ТВ21: А во пари? 9,7 колку ќе бидат, над 10?

Јанкуловски: Со четвртиот квартал?

ТВ21: Да. Заклучно со четврти квартал како ќе ја завршиме.

Јанкуловски: 10,2 милијарди евра.

Јанкуловски: Јавен долг за 2026 на 62 проценти.

ТВ21: Во сума?

Јанкуловски: 11 милијарди 164 милиони евра

Јанкуловски потврди и дека е избрана банката која ќе ја финансира изградбата на брзата железница од Табановце до Гевгелија, меѓутоа не го соопшти нејзиното име ниту колку камата ќе платиме за кредитот од 2 милијарди евра.

Јанкуловски: Значи од сите тие банки таа е една којашто е индикативна, но не е обврзувачка понуда. Мислам дека сум доволно јасен. Кога ќе завршат и доколку завршат успешно овие разговори

ТВ21: Кога очекувате да завршат?

Јанкуловски: Се во интерес на државата, се во интерес на државата и од аспект на услови, грејс период, каматна стапка, тогаш се преминува на следната фаза конечна понуда. И тогаш министерството ќе излези во јавност.

Јанкуловски е оптимист дека преговорите ќе бидат успешни и дека на средината на наредната година ќе почне изградбата на брзата пруга.