Спроведена вонредна инспекциска контрола на дивите продавачи на Бит пазар

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Околу 500 килограми храна се одземени при вонредната инспекциска контрола спроведена утрово на потегот од трговскиот центар „Мавровка“ до Бит-пазар во Скопје.

Акцијата била насочена кон диво поставените тезги долж булеварот „Крсте Петков Мисирков“, каде што импровизирани продажни места биле поставени на пешачките и велосипедските патеки.

Контролата ја спровеле инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство, во координација со комуналните инспектори на Град Скопје, Државниот пазарен инспекторат и Министерството за внатрешни работи.

Од АХВ информираат дека биле отстранети сите диво поставени тезги, од кои најголем дел биле наменети за продажба на овошје и зеленчук. Освен храната, била отстранета и целокупната опрема за продажба поставена на пешачките и велосипедските патеки.

На лицата кои продавале на диво ќе им бидат изречени соодветни прекршочни мерки, во координација со комуналните инспектори на Град Скопје.

Во одделна акција спроведена вчера во соработка со СВР Гостивар, АХВ запленила и 150 килограми месо со изминат рок, без декларација и со непознато потекло. Месото било пронајдено на приватен имот во селото Чајле.

Запленетото месо било нештетно уништено на депонијата Русино.