Нова видео-снимка од ноќта кога избувна смртоносниот пожар во барот „Ле Констеласион“ во Кран-Монтана е презентирана како доказен материјал во истрагата. Според објавата на Corriere della Sera, снимката била приложена од Јавното обвинителство во Сион и, како што се наведува, јасно го прикажува начинот на кој започнал пожарот.
На видеото се гледа 24-годишната келнерка Сиан Панине како држи две шишиња шампањ со прикачени прскалки. Таа се наоѓа на рамената на колега, додека искрите од прскалките допираат панели од пена за звучна изолација поставени на таванот. Неколку секунди подоцна, еден од панелите се запалува.
🇫🇷🇨🇭 FLASH | Une nouvelle vidéo obtenue par BFMTV montre exactement d’où est parti l’incendie de Crans-Montana qui a tué 41 personnes.
— Cerfia (@CerfiaFR) February 24, 2026
pic.twitter.com/BcNQBPkCpM
Во своето првично сведочење, сопствениците на локалот, брачната двојка Морети, изјавиле дека идејата за огнометното „шоу“ потекнала од келнерите. Сепак, сведок во постапката изјавил дека Џесика Морети лично ја дала нарачката за конкретната активност.
За време на судското рочиште, Жак Морети изразил сочувство до семејствата на жртвите, наведувајќи дека станува збор за катастрофа и дека ниеден родител не треба да минува низ таква болка. Џесика Морети, пак, изјавила дека нема да ја избегнува одговорноста и дека не мислела оти ситуацијата е толку сериозна во првите моменти од пожарот.
Таа објаснила дека сакала веднаш да повика противпожарна служба и дека приоритет ѝ било да крене тревога. На прашањето зошто не употребила противпожарен апарат, одговорила дека се испаничила кога ги видела пламените. Претходно во јавноста се појавија и гласини дека го напуштила објектот, што таа го демантирала во своето сведочење.
Истрагата за причините и одговорноста за пожарот продолжува.
