Ревизијата откри неправилности во МЕПСО – 59 линии без имотни листови, неискористени кредити и неправилности при вработувања

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Државниот завод за ревизија констатирал низа неправилности во функционирањето на АД МЕПСО за 2024 година. Проблеми со сопственоста на преносните линии, инвестиции без соодветна документација, како и неправилни вработувања, директно влијаат врз ефикасноста на системот за пренос на електрична енергија во земјава. Иако компанијата во текот на таа година остварила раст на приходите од својата основна дејност, во извештајот се наведува дека биле откриени сериозни слабости во работењето и управувањето. Ревизорите утврдиле дека од вкупно 112 преносни линии, само 53 имаат регистрирана сопственост, додека за останатите 59 МЕПСО не располага со имотни листови.

„Констатирани се слабости во евидентирањето и регулирањето на сопственоста на инфраструктурата за пренос на електрична енергија, вклучително и земјиштето. Дел од имотот нема регулиран правен статус, а за одреден дел не постои точна сметководствена евиденција. Оваа состојба влијае врз висината на тарифата за пренос на електрична енергија, која ја утврдува Регулаторната комисија за енергетика врз основа на сметководствените податоци и финансиските евиденции доставени од МЕПСО.“, вели ДЗР.

Ревизорите утврдиле финансиски неправилности и значителни доцнења во реализацијата на инвестициските проекти на МЕПСО. Од вкупно одобрените 102,4 милиони евра кредити, дури 53,4 милиони евра, односно 52 проценти, останале неповлечени. Само во текот на 2024 година компанијата платила 245.629 евра провизии за неискористените средства, додека вкупниот износ на камати и провизии платени за кредитите достигнал речиси 9 милиони евра.

„Со извршената ревизија утврдивме дека приходите од основната дејност – пренос на електрична енергија – бележат раст, главно поради повисоките тарифи за пренос, иако количината на пренесена електрична енергија бележи мало намалување. Истовремено, приходите од прекуграничните преносни капацитети значително се зголемени, дебалансите во преносната мрежа покажуваат тренд на стабилизација, а загубите во мрежата се намалени, иако трошоците за нивно покривање и понатаму зависат од цените на електричната енергија“, се наведува во извештајот.

Сериозни забелешки има и за кадровската политика на компанијата. Кај 45 нововработени лица биле констатирани неправилности во исполнувањето на условите утврдени во јавните огласи и систематизацијата на работните места, додека дел од вработените биле прераспоредени или унапредени веднаш по нивното вработување.

Ревизијата открива дека компанијата во текот на 2024 година се соочила со кибернетички напад кој привремено блокирал дел од ИТ-системите и податоците, а евидентирани се и други проблеми, меѓу кои потребата од санација на фасадата на објектот за која претходно биле потрошени околу 8,9 милиони евра, како и неправилности во пописот, инвестициите, спонзорствата, донациите и управувањето со финансиските средства.