ЈО го започна увидот во Универзална – се испитува дали се работи за човечки фактор или несреќен случај

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По вчерашниот пожар во Универзална сала во кој тројца работници се приведени под сомнение дека работеле во моментот кога избил пожарот Јавно обвинителство излезе на терен да утврди кои се причините поради кои дојде до нејзино запалување. Оттаму велат дека откако локација е обезбедена и се обезбедени услови е започнат увидот на објектот.

„Локацијата ќе биде детално прегледана за да се обезбедат сите докази неопходни за утврдување на причините за настанување на пожарот. Стручно вешто лице ќе се произнесе дали пожарот е евентуално предизвикал од човечки фактор или се работи за несреќен случај“, вели ЈО.

Вчера и Државниот инспекторат за труд извршил контрола на работењето на фирмите ангажирани за реконструкција на објектот, но бидејќи се уште трае фазата на прибирање докази и не е утврдено дека пожарот настанал како последица на човечки фактор вчера во полициска станица беа земени изјави од трите приведени лица. Од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со меѓусебни обвинувања за состојбата на Универзална сала.

„Најалармантно е што СДС наместо да одговори на суштинските прашања крева прашина мислејќи дека ќе ги покрие трагите.Ковачевски и Бисера Костадиновска мора да одговорат на следниве три прашања: Која фирма е изведувач на градежните активности и дали истата е блиска со врвот на СДС? Какви материјали се вградени во Универзална сала и дали тие се согласно сите стандарди? Или е ист примерот како со Тетовската модуларна болница?“, порача Марија Митева.

Од СДСМ со контраобвинување, преку партиско соопштение велат дека ВМРО-ДПМНЕ е таа што ја остави Универзална сала да се распаѓа.

„ДПМНЕ ја остави Универзална сала да се распаѓа, иако беше започнат процесот за реконструкција од страна на претходната локална власт на СДСМ. Култниот објект и симбол на Скопје, две години го оставија на забот на времето, да пропаѓа и од внатре и од надвор, па дури и предавањето на реконструкцијата на Универзална сала на Министерството за култура им беше проблем. Тоа е уште едно неостварено ветување на неспособната локалната власт на ДПМНЕ и нивната градоначалничка во Скопје“, вели СДСМ.

Во вчерашниот пожар на Универзална сала две жени се пожалиле на отежнато дишење откако вдишале дим, по што беа пренесени на Токсикологија, но немаат посериозни последици.