ЈО истражува за РЕК Битола – Стојановски: Има епски криминал во енергетскиот сектор

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски во денешната емисија Дејли клик на ТВ21 повторно го отвори прашањето за, како што вели тој, епски криминал во РЕК Битола. Тој во изминатиот период тврдеше дека раководството на компанијата пред да бидат сменети распишале десетина тендери со многу повисоки цени.

-Веќе се собира многу обемен материјал кој што треба да докаже злоупотреби во енергетскиот сектор. Верувајте ми, таму има епски криминал. Ете нека бидат граѓаните внимателни околу темите кои што ќе се отвораат наредниот период, за јагленот, за набавката на јагленот, за тоа зошто механизацијата која што била набавена не била стаена во функција и зошто биле активирани трети лица, само нека бидат трпеливи, нека ги слушаат темите, одблиску нека внимаваат и нека ги слушаат сумите кои што биле потрошени, изјави Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ.

За ваквите обвинувања од Стојановски, побаравме одговор од Јавното обвинителство дали е отворена постапка за случајот со РЕК Битола. Оттаму одговорија дека веќе се води предистражна постапка.

Инаку Државниот завод за ревизија уште во јули годинава го објави извештајот за набавките во РЕК Битола.

Со години наназад најмногу тендери за ископ на руда добивала фирмата Марковски компани на почесниот конзул на Белорусија Борче Марковски, кој се смета за близок на претходната власт. Од СДСМ побаравме став за обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ но одговор не добивме.