ЈСП Скопје следната недела ќе добие шест еколошки автобуси. Оваа информација ја сподели министерот за животна средина Изет Меџити, кој вели дека министерството обезбедило донација од ЕУ за автобусите кои ќе ги донираат на ЈСП.
„Како Министерство за животна средина и просторно планирање и со донација од Европската Унија, обезбедивме 6 еколошки автобуси и во текот на наредната недела истите ќе ги донираме на ЈСП Скопје“, рече Меџити.
Но, Ирена Витина, советничка во Град Скопје, вели дека Меџити се фали со туѓи проекти и дека тој како министер нема никаков придонес за овие шест автобуси. Како што вели таа, вработените во Секторот за меѓународна соработка на Град Скопје се заслужни, кои изработиле апликација и овој проект е резултат на нивната посветена работа, со што за потребите на Градот, Европската Унија ги финансира 6-те автобуси. На овој проект како што вели таа, се работело две години.
„Срамен е обидот на пласирање континуирани невистини од страна на Изет Меџити кој очигледно по 5 месеци, бидејќи нема ниту еден свој проект, мора да се фали со проектите кои ги обезбедил градот Скопје. Министерот Меџити нема никаков допринос за град Скопје да добие 6 автобуси, ниту досега му помогнал на градот во било кој друг сегмент за справување со загадувањето, иако неговата е една од 14 институции кои имаат надлежност за постапување“, рече Витина.
Во меѓувреме, премиерот Христијан Мицкоски очекува до следната летна или есенска сезона во земјава да има нови 100 до 120 електрични автобуси кои ќе сообраќаат во јавниот градски превоз во градовите кои имаат организирано таков превоз. Се подготвува проект за набавка на овие автобуси, но и 50-тина станици за нивно полнење.
