Јули 2025 година е официјално забележан како најтоплиот јули во Турција во последните пет и пол децении, соопшти денес Министерството за животна средина, урбанизација и климатски промени, повикувајќи се на податоци од Турската метеоролошка управа.
Просечната температура минатиот месец изнесувала 26,9 степени, што е за 1,9 степени повеќе од повеќегодишниот просек. Анализата, која опфати 220 мерни станици, покажала дека на 66 локации биле забележани рекордно високи температури, јави агенцијата „Анадолу“.
Најекстремното мерење било во градот Силопи, каде што биле регистрирани дури 50,5 степени – нов апсолутен температурен рекорд за јули во земјата. Меѓу десетте најжешки градови, Џизре во покраината Ширнак го зазел првото место со просечна јулска температура од 49,4 степени.
Претходниот национален рекорд од 49,5 степени беше поставен во август 2023 година во покраината Ескишехир.
Екстремната жештина во последните недели предизвика серија големи пожари низ Турција. Минатиот месец, 14 лица ги загубија животите гаснејќи пожари на западот од земјата.
