Јужна Кореја: Северна Кореја заработила повеќе од 20 милијарди за помошта на Русија во агресијата кон Украина

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Северна Кореја заработила повеќе од 20 милијарди долари приход од воената соработка со Москва од почетокот на руската инвазија на Украина, се наведува во извештајот на Јужнокорејскиот институт за одбранбени анализи (КИДА). Покрај финансиските придобивки, Пјонгјанг ја користи соработката со Русија за да се здобие со напредно вооружување и да ги зајакне сопствените воени капацитети.

Според КИДА, најголемиот дел од приходите доаѓаат од продажбата на муниција на Русија, но Пјонгјанг испратил и илјадници војници во Москва кои се бореле против украинските сили, пред се во руската област Курск. Се проценува дека најмалку 4.000 од 11.000 испратени севернокорејски војници загинале таму.

Северна Кореја, се вели во извештајот, веројатно ја цени руската „натура и техничка помош“ повеќе од директни пари – особено во форма на високотехнолошки оружја и воени системи кои придонесуваат за нејзините стратешки цели.

Бидејќи војната во Украина трае подолго од очекувањата на Русија, а западните санкции и воената помош за Киев дополнително ги ослабуваат руските капацитети, Москва се повеќе се потпира на партнери како Кина, Иран и Северна Кореја.

Зближувањето на овие авторитарни режими претставува растечки стратешки предизвик за САД, кои сега истовремено се обидуваат да се спротивстават на влијанието на сите три актери ширум светот. Администрацијата на Доналд Трамп исто така бара брз крај на војната во Украина, која Северна Кореја активно ја поддржува.

Во предупредувањето од извештајот КИДА јасно се вели: „Воената соработка меѓу Русија и Северна Кореја ги зголемува шансите Москва да се вклучи на Корејскиот полуостров во случај на криза“.