Владеењето на правото и јавната администрација се двете точки на кои Македонија заостанува со потребните реформи и затоа потребно е да се фокусираме на исполнување на овие цели, порача евроамбасадорот Михалис Рокас. Тој ова го истакна на прес конференцијата со министерот за евроинтеграции Орхан Муртезани презентирајќи го планот за раст на Западен Балкан.
„Две области во кои што треба да се фокусираме најмногу, тоа е владеењето на правото, клучна компонента за се, а другата е реформите на јавната администрација, потребна ни е компетентна јавна администрација која што ќе може да ги спроведе сите реформи. Но, во делот на владеењето на правото работиме навистина напорно, знаеме дека тоа е голем приоритет, стагнираше во изминативе неколку години па затоа треба да имаме конкретни чекори напред да ги имаме многу скоро“, рече Рокас.

Со ова се согласува и министерот Муртезани кој рече дека во секторот на правосудството е потребна поголема динамика на реформите.
„Првиот сигнал е дека во секторот правосудство реформите одат малку поотежнато. Колку и министрите да се трудат да дадат дополнителна динамика, динамиката на имплементацијата на реформите таму ми личи дека за сега е побавна. Се надеваме дека ќе добие дополнителна брзина“, рече Муртезани.
За неодамнешните интерпелации на членови на Судскиот совет кои беа изгласани во Собранието, како и на запирањето на постапката на разрешувањето на јавниот обвинител Коцевски, Рокас вели дека за нивното менување се јасни процедурите, но и дека секое разрешување треба да биде според европски стандарди.

„Нашиот став е дека е се што може да се гледа како мешање во независноста на судството и функционирањето на Судскиот совет е прашање кое што кај нас предизвикува загриженост. Сето ова го следиме навистина одблиску и секако сакаме преку реформите на кои што сите чекаме сакаме да видиме силно судство што ќе биде секако основа да и се помогне на земјата да се избори со корупцијата“, изјави Рокас.
Деновиве земјава ја доби првата транша од 52,4 милиони евра и со тоа Македонија стана прва земја од регионот која ги доби средствата од планот за раст на Западен Балкан.
