Каде е Македонија по 33 години? Петковски: Очекувавме да имаме стабилна држава, а не разочарани граѓани

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По 33 години од прогласувањето на независноста на државата во којa над 95 проценти од граѓаните се изјаснија Македонија да биде самостојна, независна и суверена држава, земјава се уште се соочува со тешки периоди во нејзиното опстојување. Во миговите на историските одлуки кога и се одредуваше во кој правец ќе се насочи државата сепак најважната работа беше тоа што сето тоа помина без конфликти. Тито Петковски кој добро ги памети и сведочи за тие одлуки вели дека во тој процес беа вклучени сите политички сили, полни со енергија за создавање своја држава.

-Излеговме со среќа со убедување дека правиме самостојна суверена и дека ќе бидеме свои на своето. Тоа бараше ангажман од сите политички сили, само што се создаде политички плурализам, оптимизмот беше голем, сите бевме свесни дека правиме нешто крупно, дека се гради држава, се удираат темели на нова современа држава, дека сами ќе создадеме и демократија и побогато општество, изјави Тито Петковски политичар.

Петковски вели дека најсветлите мигови на државата биле годините веднаш по осамостојувањето.

-Првата година, првиот мандат на повеќепартиското собрание тие две години на експертската влада беа нашите најубави години во овие изминати 33 години. Никој немаше мнозинство во парламентот, сите бевме упатени како политички партии меѓу себе да правиме консензус, компромиси, долги расправи. Но со првата повеќепартиска Влада тоа беше практично 92-93 јас мислам започна македонскиот од по маките, изјави Тито Петковски политичар.

Но какви беа идеите за државата, а каде стигнавме сега и што успеавме да реализираме. Петковски вели дека гледајќи низ призмата на сите овие 33 години самостојност и независност Македонија многу повеќе заостануваше отколку што прогресираше и сега сме доведени да бидеме сериозно загрижени за стабилноста и безбедноста на државата.

-Огромни очекувања а уште поголеми разочарувања на граѓаните. Од очекувањата дека ќе имаме стабилна, економски богата, просперитетна, меѓународно призната држава, од сето тоа, гледаме како ни бега од месец во месец, од година во година и дојдовме денес после 33 години да бидеме сериозно загрижени за стабилноста, за безбедноста, со раст на меѓуетничките тензии, конфликти, меѓународната политика, изјави Тито Петковски политичар.

Петковски додава дека она што ја направи Македонија нестабилна држава е тоа што има целосна поларизација во политичките односи кои имаат целосно спротивни ставови и во однос на двата договори со соседите, Преспанскиот со Грција и оној со Бугарија што ја направи земјава немоќна да изгради обединето граѓанско општество.