Каде родителите ќе ги носат децата?! – СОНК: Има штрајк, ќе нема настава и згрижување

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

СОНК и министерствата во судир за тоа дали ќе се згрижуваат децата во училиштата и градинките за време на штрајк, а родителите во неизвесност што да прават со своите деца и каде да ги згрижат додека се на работа. Претседателот на СОНК Јаким Неделков рече дека од утре стапуваат го генерален штрајк а наставниците и негувателките во градинките ќе престојуваат во одредена просторија и нема  да одржуваат настава и згрижување на децата. Тој рече дека веќе имаат притисоци, но посочи дека штрајкот ќе трае се додека не се најде решение со Владата за нивните барања за покачувања на платите. 

„До денес немаме позитивни резултати по однос на нашите барања. Штрајкот ќе се одвива со неизвршување на работните задачи на работното место или попрецизно штрајкувачите ќе бидат сместени во простории кои што заеднички ќе ги договорат со директорите на установите и нема да ги извршуваат своите воспитно-образовни и згрижувачки дејности. СОНК ќе биде во штрајк а одговорноста во однос на извршување на минимум услови за функционирање на установата има директорот“, истакна Јаким Неделков.

Премиерот Ковачевски ги повика наставниците да не го прекинуваат образовниот процес а дека решение треба да се бара само преку социјален дијалог.

„Ги повикувам наставниците од основните и средните училишта да ги стават интересите на децата на прво место и да се погрижат да не се наруш образовниот процес. Учениците треба да бидат во училиштата, таму каде што припаѓаат.Правото на штрајк е загарантирано право и јас целосно го почитувам. Но, социјалниот дијалог е единствениот пат да дојдеме до заеднички решенија“, посочи Димитар Ковачевски.

И од Министерството за образование соопштија дека основните и средните училишта ќе работат бидејќи настава мора да се организира и за време на штрајк.

„Министерството за образование и наука ја известува јавноста дека и од понеделник, за кога е најавен штрајкот од страна на раководството на Синдикатот за образование, наука и култура СОНК, основните и средните училишта ќе продолжат да работат, односно ќе примаат ученици и ќе организираат воспитно-образовен процес“, велат од Министерството.

И од Министерството за труд и социјала велат дека и покрај штрајкот градинките ќе ги згрижуваат децата.

„Министерството за труд и социјална политика ја известува јавноста и родителите дека сите предучилишни установи ќе продолжат да ја обавуваат својата дејност згрижување и воспитание на децата и во деновите на најавениот штрајк“, порачуваат од министерството.

СОНК одлуката за генерален штрајк ја донесена откако не успеаја преговорите со Владата за усогласување на платите со минималната плата на национално ниво. Синдикатот бара минималната плата во иднина да биде основицата со која ќе се множат коефициентите на сложеност во образованието.