Како ќе изгледа влезот во кафуле од понеделник? Угостителите очекуваат укинување на мерките, најавуваат протести

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Здраво, како сте?
Добро, ви благодарам. Вие?
Дали сте вакцинирани?
Да!
Потврдата ако може?
Еве, дојдов да пијам кафе.
Добро, повелете!
Ви благодарам.

Вака ќе изгледа влезот во кафуле од понеделник. Кај објектите кои имаат капацитет над 30 лица, кај вратата ќе треба да стои редар и да провери дали лицата се вакцинирани, инаку нема да им биде дозволен влез.

Сопствениците на угостителските објекти остро реагираат за рестриктивните мерки и бараат од Владата итно да ги укине. Претседателот на Независната угостителска комора, Здравко Јосифовски, вели дека мерките се донесени многу брзо и не гледа можност истите да се спроведат.

Угостителите се уште чекаат насоки од Влада како ќе работат од понеделник. Доколку не се укинат овие мерки, тие најавуваат протести бидејќи, како што вели Јосифовски, само на тој начин ќе бидат сфатени сериозно од страна на властите. Од друга страна, Министерот за економија, Крешник Бектеши, најави засилени контроли од понеделник кога и почнува спроведувањето на мерките. Никој нема точни информации како ќе изгледаа практично контролата.

ТВ21 испрати прашања во Министерството за здравство за да ни дадат детали дали се дефинирани мерките и дали постои веројатност тие да се укинат, по барање на угостителите. Од таму ни рекоа дека следните денови ќе се донесе одлука како ќе се спроведуваат мерките и кој ќе биде овластен за контролирање на потврдите на граѓаните. Инаку се уште не се знае дали ќе има казни за невакцинираните граѓани кои ќе влезат во кафуле.