Министерот за јавна администрација Горан Минчев не е запознаен како тече работата на експертскиот тим кој го подготвува новиот закон за правична застапеност. Вели дека за тоа е задолжена експертската група и тој го поддржува тоа што тие го работат. Нема информации ниту по кој механизам ќе се спроведува правичната застапеност и што предвидува новиот закон ако Балансерот досега беше злоупотребуван.
-Јас не сум дел од таа работна група, но силно се залагам и го поддржувам ставот да тоа го работат, тоа законско решение е производ на експертите, посебно онаа фела, академска заедница, стручна експертска јавност која се занимава со уставните решенија на правичната застапеност на етничките заедници. Дека порано имало злоупотреба тоа е факт, тоа е нотирано и тоа треба да се надмине. Новото решение треба да го надмине тој проблем, изјави министерот за јавна администрација, Горан Минчев.
Минчев вели дека новото законско решение треба да помине преку Венецијанската комисија и да биде квалитетно за да не се доведе во состојба да биде оспорен пред Уставниот суд. Тој рече дека не знае точно кога ќе биде готов законот, но дека не треба да се брза, со што се поставува и прашањето, како во овој период ќе течат вработувањата.
-Можностите за јавни конкурси и за огласи продолжуваат понатаму, ние кажавме дека оние огласи кои што беа започнати со Балансерот ќе се довршат, односно на институциите на кои што се однесуваат тие огласи и оние огласи кои што се без Балансер односно на институциите кои што немаат обврска за Балансер исто така продолжуваат. Во овој период додека нема законско решение кое што е уставна категорија огласите продолжуваат врз база на знаење и јас повторувам, неколку пати досега го имам кажано својот став, со ова законско решение не треба да се брза, изјави министерот за јавна администрација, Горан Минчев.
Од СДСМ со критики до министерот Минчев, велат дека како прв човек задолжен за реформите, тој не е ниту дел на работната група. Со ова, велат од опозициската партија, тој само потврдува дека е неважен субјект во Владата на Мицкоски.
Деновиве вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи рече дека новиот закон треба да донесе дефинитивно постигнување на правична застапеност без притоа да има злоупотреби.
