Училиштето „Невена Георгиева“ во Кисела Вода е подготвено да стартува со настава од 1 октомври. За одржување настава со физичко присуство постави средства за дезинфекција, ги одвои клупите, а паралелките ги подели во две групи. Наставниците ги опреми со компјутери, ги обучи за Националната платформа, а добија и смарт таблети. Но, сепак платформата се блокира поради слабиот интернет.
Со цел одблизу да ги видат условите во училиштето, министерката за образование, Мила Царовска дојде со заменик-министерот Арафат Шабани и претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура, Јаким Неделков. Првиот човек на СОНК, алармираше за останатите наставници кои немаат компјутери и интернет во училиште.
Заменик-министерот Шабани, ветува дека ќе ги посети и албанските општини.
„Се надевам што поскоро да ги посетам сите општини во Северна Македонија, особено албанските, со цел да добиеме информации од прва рака од градоначалниците за актуелните проблеми“, посочи Арафат Шабани.
Има училишта кои сѐ уште не им обезбедија компјутери на наставниците. ТВ21 вчера извести за наставникот Сатки Исмаили, кој потроши 12.000 денари за да купи лаптоп, а за бројни вакви случаи алармираше и СОНК. Со оваа ситуација е запознаена и министерката Царовска, но не нуди решение како да се реши проблемот, ниту пак открива за колку ќе се зголемат блок дотациите за училиштата во кои треба да се инсталира интернет мрежа.
