Ненајавената прес конференција на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг вчера вечерта изненади многумина обидувајќи се да прочитаат меѓу редови која е пораката што ја пренесува со неговото обраќање.
Она што го слушнавме од првиот човек на Алијанса е дека не го признава референдумот и анексијата на четири украински области и дека нема да престане воената поддршка што ја дава НАТО на Украина. Поранешниот амбасадор на Македонија во НАТО Нано Ружин вели дека не се исклучува можноста да дојде до ескалација, дури и на нуклеарни напади, но според него тоа би биле јасно утврдени цели на територијата на Украина.
„Ограничени удари на пример бомбардирање на нуклеарна централа или локални, не би сакал да се заплашува населението но теориски, како хипотеза, одредени локални интервенции во смисла нуклеарно оружје на неколку километри и тоа врз територијата на Украина. Главните стратези внимаваат, напнати се надеваат дека до тоа нема да дојде“, вели Нано Ружин.
Столтенберг во неговото обраќање истакна дека со анексијата и делумната воена мобилизација, како и нуклеарните закани на рускиот претседател Путин постигната е најголема ескалација од почетокот на воената агресија на Русија врз Украина. НАТО и земјите членки ќе продолжат да ја поддржуваат Украина, вклучително и во враќањето на анектираните територии, рече Столтенберг.
„Ако се прифати анексијата од страна на Русија и нуклеарните закани, тогаш прифаќаме нуклеарна уцена, дека прифаќаме со закана за употреба на нуклеарното оружје авторитарни сили можат да постигнат тоа што сакаат“, посочи Јенс Столтенберг.
Колку е кревок нуклеарниот мир и дали рускиот претседател Путин е способен да го стисне црвеното копче. Началникот на ГШ на АРМ генерал потполковник Васко Ѓурчиновски во емисијата Клик плус на ТВ21 оцени дека закана постои, особено по изјавата на Путин дека Русија е подготвена да употреби нуклеарно оружје доколку се загрози интегритетот и суверенитетот на руската територија, за која ги сметаат и анектираните региони од Украина.
„Во рацете на автократски лидер кој е непредвидлив за денешнината, дали би можел, кога, како, едноставно секако, закана и можност, опасност постои. Но, сепак да се надеваме дека разумот ќе преовладее дека секој конфликт, војна и во конкретниот случај развој на состојбите во Украина, ќе мора на крај секако мирно да се разреши тој конфликт, или војна“, вели Васко Ѓурчиновски.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера и официјално поднесе апликација за членство на земјата во НАТО. За ова Столтенберг рече дека секоја земја во Европа има право да аплицира но одбегна да одговори дали постои можност за нејзино брзо приклучување кон Алијансата.
