Какви други докази има Азири за „Монстум“? – Адвокатот, изненаден, Обвинителството нема намера да го посети

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На вчерашното судење за случајот Монструм, изјавата која најмногу изненади беше таа на веќе осудениот, Фејзи Азири, кој ги повика главните обвинители, Љубомир Јовески и Вилма Рускоска да го посетат во затворот за да им предложи докази за нарачателите и организаторите на петкратното убиство, со име и презиме. Ова го изненади и самиот негов адвокат Насер Рауфи кој 9 години го застапува во судот. Иако немал сознанија, Рауфи верува дека зад оваа изјава се крие вистината.

„Јас сум изненаден за оваа работа но исто така и верувам дека има податоци, информации, бидејќи е човек во години и сериозен. Мислам дека е одговорност и задача на обвинителството кој практично и ги наведе кои да бидат, сигурно им верува на овие двајца обвинители и мислам дека тие двајца обвинители треба барем да го повикаат во обвинителство да се произнесе“, истакна Насер Рауфи.

Но Обвинителство изгледа нема намера да постапи на овој начин.

„Осуденото лице имаше можност во текот на истрагата, како и во текот на судењето кое беше јавно,  да достави информации, докази на кои се повикува, а кои вели, биле поврзани со кривичното дело за кое е осуден. Тој впрочем може во кој било момент, во соодветна постапка да побара и пред надлежен јавен обвинител да пријави кривични дела на записник. Кривични дела не се пријавуваат кај Републичкиот јавен обвинител, ниту по желба кај конкретен обвинител“, велат од ЈОРМ.

ТВ21 контактираше и со обвинителката на предметот, Фатиме Фетаи. Таа повторно истакна дека обвинетиот поканата им ја упатил на Јовески и Рускоска, затоа одлуката дали ќе го посетат, ја носат споменатите обвинители.

„Тоа што е важно да се истакне е фактот што обвинетиот Фејзи Азири имаше на располагање речиси 9 години да зборува во своја одбрана и доколку имаше сознанија за другите вршители на делото, да ги сподели со судот и обвинителството. Судските рочишта беа отворени, новинарите беа присутни. Фејзи Азири никогаш не спомнал такво нешто“, истакна Фатиме Фетаи.

Обвинителката Фетаи за ТВ21 исто така рече дека пред да го добијат предметот во СЈО, обвинетиот Фејзи Азири отишол во просториите на СЈО, со цел како што вели Фетаи, божем да каже информации за случајот и сторителите. Но излезе спротивното, додава обвинителката, велејќи дека Азири “во СЈО дојде да праша какви материјали имаме за него лично, а не да зборува за тоа дека побарал средба.

И додека останува да се види како ќе постапат обвинителите, адвокатот Насер Рауфи вели дека во текот на неделата ќе го посети осудениот Азири за да зборува во врска со неговата вчерашна изјава. Адвокатот се сомнева дека тоа има врска со идентитетот на кодираниот сведок “Е1“, од кого Рауфи смета дека може да излезе информација. Рауфи и натаму го потенцира мислењето дека случајот имал сценарио во кое се вклучени и функционери. Како ќе течат натаму настаните, Рауфи вели дека ќе зависи од информациите кои може да ги даде Азири. Осудениот најавил дека доказите ќе ги претстави јавно доколку обвинителите не го посетат за 10 дена.