Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, изјави дека рускиот претседател Владимир Путин нема право да става вето на прашањата поврзани со европската безбедност.
Таа нагласи дека Украина треба целосно да се интегрира во европската безбедносна архитектура.
Говорејќи во Варшава, во присуство на полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски и неговиот украински колега Андриј Сибиха, Калас истакна дека Европа веќе ги има потребните институции за да ја гарантира сопствената безбедност.
„Веќе имаме европска безбедносна архитектура. И НАТО и Европската Унија имаат свои соодветни улоги. Треба да се погрижиме Украина да биде интегрирана во оваа архитектура“, изјави таа.
Шефицата на европската дипломатија истакна и дека Европската Унија треба да има значајна улога во секој мировен договор за Украина.
Истовремено, таа повика да се стави крај на актите на саботажа на европска територија што ѝ се припишуваат на Русија, посочувајќи дека безбедноста на Украина е поврзана со целокупната безбедност на Европа.
