Кој јавно, а кој со тајни преговори се прават калкулации кој кому ќе му ги даде гласовите и кој кого ќе поддржи во вториот круг на локалните избори. Билјана Ивановска која како независен кандидат за градоначалник на општина Центар освои трето место со 4.465 гласови, а за која има одредени шпекулации дека врши преговори за пренасочување на нејзините гласови во оваа општина, таа тоа го демантира.
„Нема да ги повикувам граѓаните да гласаат за еден или за друг кандидат бидејќи секој граѓанин си е здраворазумен си има право на гласање и си има одговорност кому ќе го даде својот глас. Но, кој и да победи доколку вистински се залага да го заштити јавниот интерес треба да носи одлуки во полза на сите и да го заштити уставно загарантираното право за здрава животна средина и активното учество на граѓаните во креирањето и во донесувањето на одлуките“, вели Билјана Ивановска.
Кандидатите на ЗНАМ кои влегоа во вториот круг на локалните избори Максим Димитриевски за Куманово и Мирослав Лабудовиќ за Центар е веќе договорено дека ќе ја добијат поддршката од владините партнери ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН, а ЗНАМ да ги поддржи онаму каде што тие имаат кандидат. Лабудовиќ ја имаше поддршката од нив уште во првиот круг, но тоа не е доволно за да го надмине актуелниот градоначалник Герасимовски ќе му требаат дополнителни гласови, па затоа се надева токму на гласовите на Ивановска.
„Верувам дека овие гласови што се 68 проценти за промени, дека мнозинството ќе излезе да ја даде поддршката. Јас можам да кажам дека со Билјана и на дебати и пред дебатите кога сме се среќавале имаме исти концепти и визија за Центар“, вели Мирослав Лабудовиќ.
Од СДСМ засега нема информации дали веќе има преговори со други партии да добијат одредена поддршка за нивните 17-те кандидати кои влегоа во вториот круг и од кого ќе ја бараат и воедно кому тие ќе ги пренасочат своите гласови онаму каде што СДСМ не успеа да освои доволен број гласови. За некакви преговори нема информации ниту од коалицијата НАИ. До вториот круг партиите имаат уште една недела да ги убедуваат гласачите, но и да направат договори со други политички субјекти за прегрупирање на гласовите.
