Процесот за трагичниот случај во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој се обвинети повеќе лица, е исклучително сложен и бара внимателна и детална анализа на илјадници страници докази.
Професорот Владо Камбовски во изјава за ТВ21 посочи дека судот се соочува со еден од најтешките правни предизвици – утврдувањето на каузалитетот, односно на јасната причинско-последична врска меѓу дејствијата на обвинетите и трагичниот исход.
„Во текот на самиот процес, верувам дека ќе дојде до диференцијација меѓу оние кои непосредно учествувале и придонеле за самиот настан, и оние кои само овозможиле услови – било свесно или од небрежност“, истакна Камбовски, појаснувајќи дека токму ваквите комплексни случаи претставуваат најголем предизвик за судот.
Според него, квалификацијата за тешки дела против општата сигурност и одредувањето на степенот на одговорност кај секој поединец не може да биде механичка или колективна, туку бара внимателно разграничување на улогите, дејствијата и пропустите.
„Проблемот е кај ваквите комплексни случаи на утврдување на каузалитетот, каузалната врска“, нагласи Камбовски.
Трагедијата во „Пулс“, во која загинаа 63 млади луѓе, а повеќе од 200 беа повредени, останува едно од најтешките кривични предмети во поновата историја, а правната јавност со внимание го следи начинот на кој судот ќе ја расплете мрежата на одговорности.
