Скопје ќе биде домаќин на првата меѓународна „Skopje Security Conference 2026“, настан кој ќе ги собере клучните домашни и странски експерти за безбедност, политики, технологија и меѓународни односи.
Конференцијата, организирана од Центарот за безбедносни студии – Скопје, ќе се одржи на 19 јуни 2026 година во хотелот „DoubleTree by Hilton“ во Скопје, под тема „Безбедност во транзиција: навигација низ технологијата, геополитиката и отпорноста во свет што се менува“.
Целта на настанот е отворање на дискусија за новите безбедносни предизвици во период на брз технолошки развој, глобални геополитички промени, хибридни закани, економски ризици и последици од климатските промени.
Посебно внимание ќе биде посветено на улогата на вештачката интелигенција во сајбер-одбраната и современите конфликти, заштитата на критичната инфраструктура, регионалната соработка и јакнењето на институционалната отпорност.
Отворањето на конференцијата е предвидено за 09:00 часот, со поздравни обраќања на д-р Ардијан Исмаили, основач и извршен директор на „Skopje Security Conference“ и претседател на Центарот за безбедносни студии – Скопје, како и Бен Нупнау, заменик-шеф на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија.
Предвидено е и обраќање на проф. д-р Астрит Исени, заменик-министер за внатрешни работи.
Во рамки на конференцијата ќе се одржат пет панели на високо ниво кои ќе опфатат различни аспекти на современата безбедност.
Првиот панел ќе се фокусира на мултилатералната безбедност, дипломатијата и спречувањето конфликти во услови на сè поголема меѓународна фрагментација.
Вториот панел ќе биде посветен на когнитивното војување, дезинформациите и хибридните закани, односно на влијанието врз општествата преку современи технологии и информации.
Посебна тема ќе биде вештачката интелигенција во сајбер-безбедноста и одбраната, каде експертите ќе разговараат за новите технологии и нивната улога во современото војување.
На конференцијата ќе се разгледуваат и прашањата поврзани со климатските промени, енергетската безбедност и влијанието на ресурсите врз регионалната стабилност.
Последниот панел ќе биде посветен на економската безбедност, стратешките инвестиции и ризиците што влијаат врз стабилноста на Западен Балкан.
На „Skopje Security Conference 2026“ ќе учествуваат претставници од Северна Македонија, Швајцарија, Албанија, Финска, Катар, Чешка, Бугарија, Турција и други земји.
Организаторите очекуваат конференцијата да придонесе Скопје да се позиционира како регионален центар за стратешки дијалог, соработка и размена на искуства во областа на безбедноста.
