Судскиот совет денеска се огласи по повод одземањето на имунитетот на судијата Ѓоко Ристов, кој се товари за противправно стекнување и прикривање имот, како и перење пари и други приноси од казниво дело. Во неговиот родителски дом во Неготино полицијата пронајде 350.000 евра заѕидани во ѕид, за кои постои сомневање дека се незаконски стекнати.
Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, појасни дека одлуката е донесена по барање на Основниот кривичен суд и дека сега истрагата ќе треба да ги утврди сите факти и околности поврзани со случајот. Тој истакна дека до Судскиот совет досега не пристигнале претставки од колеги на Ристов од Апелација.
„Во Судскиот совет има многу претставки. Не се сеќавам конкретно дека имало пријави за земање мито или слично. Можеби се воделе случаи за неизземање во предмети, но досега немало пријави од колеги-судии против Ѓоко Ристов“, рече Камбовски.
На прашањето дали кандидатите за утрешниот избор на член на Судскиот совет од редот на судиите, меѓу кои и Хасан Асани, имале дисциплински постапки, Камбовски објасни дека не може да потврди конкретно, бидејќи годишно се обработуваат околу 600 до 700 претставки за судии. Тој додаде дека обично кандидатите се со примерно однесување и без забелешки од Советот.
„Се надевам дека утрешните избори ќе поминат во најдобар ред. Судиите ќе го дадат својот глас, а на кандидатите им посакувам среќа и победник да биде оној што колегите го сметаат за најдобар и најсоодветен“, изјави Камбовски.
