Каменоломот во Страчинцe нема да се отвори! Првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити, преку статус на Фејсбук соопшти дека донел негативна одлука за барањето за отворање на каменоломот. Следниот чекор, како што додаде, е конечна анулација на концесијата, што ќе се разгледа на следната седница на Владата.
„Од поодамна ги следам нивните загрижености и внимателно ги разгледавме сите извештаи и анализи на надлежните институции. Тие јасно покажаа дека активноста на каменоломот би донела тешки последици, како ризик од поплави и сериозно оштетување на здравјето и животот на жителите. Поради таа причина, мојата одлука е конечна: КАМЕНОЛОМОТ НЕМА ДА СЕ ОТВОРИ!“, вели Изет Меџити.
Жителите на Страчинцe го поздравуваат овој став и очекуваат да стане реалност и целосното одземање на концесијата. За тоа доставиле петиција до Министерството за животна средина.
„Поднесовме барање со петиција Владата итно да ѝ ја одземе на компанијата и концесијата“.
– Верувате ли дека ќе биде одземена?
„Веруваме бидејќи аргументите се на наша страна и сите факти, целата документација што ја поседуваме, ја има и Министерството за екологија, ја има и петицијата со 434 потписници од селото, а ја имаат и многу релевантни институции кои дале негативни одговори. Треба без никаков проблем да се одземе концесијата“.
Пред неколку дена жителите се пожалија дека компанијата која имала намера да отвори каменолом на 300 метри воздушна линија над селото, поставила експлозивни средства, што според нив би претставувало ризици и тие немале сигурност во своите домови.