Акцијата „Генералка викенд“ започна со чистење на Аквадуктот во Скопје. Покрај бројните волонтери, разни здруженија и претпријатија, иницијативата има поддршка и од јавни службеници. Откако симболично помогна во собирањето на ѓубрето, претседателката Гордана Силјановска-Давкова цитираше неколку француски филозофи за нивните ставови за односот човек-природа.
Вицепремиерот и министер за животна средина, Изет Меџити рече дека оваа иницијатива секоја година е се помасовна.
„Животната средина и ваквите споменици од културата како Аквадуктот заслужуваат почит и внимание. Ваквите акции со кои заедно покажуваме иницијатива, волја и подготвеност за соработка треба да бидат дел од нашиот секојдневен живот“, рече Меџити.

Амбасадорот на Австрија Мартин Палмер изрази задоволство што оваа акција се организира со години.
„Мислам дека треба да бидеме свесни дека ова е важно не само за вас, туку и за нас како луѓе што живееме тука. Тоа е важно и за имиџот на земјата и за туризмот“, изјави Палмер.
Министерката за образование Весна Јаневска рече дека образовниот систем, преку теми и содржини, ги учи младите да се грижат за животната средина.

Претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓеорѓиевски истакна дека ваквите активности ќе продолжат и во иднина.
Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, рече дека оваа акција, која се одвива во важен момент, претставува јасен повик за зачувување на историското наследство.

„Учеството на стотици волонтери од различни општини во земјата докажува дека духот, солидарноста и свеста кај граѓаните се живи и активни“, рече Ганиу.
Оваа еко-акција беше поддржана и од Црвениот крст и Волонтерскиот центар во Скопје.
