Изборната кампања, обид за да и се одземаат парите на Беса?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По потпишувањето на предизборната коалиција на Беса со СДСМ покрај заедничките листи и сметката за изборите ќе им биде заедничка. Со тоа партијата на Биљал Касами нема да добие пари за изборите како посебен политички субјект. Поранешниот претседател на Државната изборна комисија Александар Новаковски вели дека кога ќе се поднесат кандидатските листи тоа ќе биде и официјална коалицијата. Средствата кои се исплаќаат по број на освоени гласови се исплаќа на коалицијата а не посебно на партиите кои се дел на таа коалиција. Како ќе ги делат после тие пари тоа се нивна работа, вели Новаковски.

„Кандидатските листи се поднесуваат и се отвора жиро сметка со назнака организатор на изборна кампања. Значи ако е коалицијата организатор на изборната кампања парите се исплаќаат на коалицијата, се отвора посебна жиро сметка, по број на освоени гласови. “. рече Новаковски.

Актуелниот претседател на ДИК Оливер Дерковски кој претходно рече дека во случај на коалиција со СДСМ, Беса ги губи сите права како втора опозициска партија на општинските комисии и изборните одбори. На последната седница на ДИК сепак беше повоздржан.

„Ќе треба да почекаме да поднесат листи, не знаеме како ќе се однесуваат партиите се уште. До моментот на поднесување на листи, премногу е рано да одговориме. Не знаеме се уште. Тоа се само сликање и најави. “, изјави Дерковски.

Според Новаковски, правата на Беса остануваат, бидејќи законот вели дека учеството на изборните одбори се одредува според резултатите од последните парламентарни избори.

„Во однос на мислам дека нема никаков проблем. Политичките партии ги предлагаат кој на последните избори освоиле мнозинство во опозиција и позиција. Се знае кои се политичките партии, коалицијата не е правно лице. Коалицијата нема врска со составот на членови на избирачкиот одбор. Истите членови треба да останат, како што е резултатот од последните парламентарни избори.  Сега од резултатите на овие избори ќе се знае кој ќе ги предлага на следните. “, вели Новаковски.

За ова и во Изборниот законик се пропишува дека по еден член на избирачкиот одбор се именува на предлог на политичките партии во опозиција и еден од владејачката партија кои на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови.