Array

Капитација од 50 на 55 денари за матичните лекари

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

По зголемувањето на капитацијата за матичните стоматолози, денеска министерот за здравство Никола Тодоров, најави зголемување на капитацијата и за матичните лекари. Матичните лекари наместо како досегашните 50 денари за бод, ќе земаат 55 денари.

„Ако имате 1000 пациенти тоа значи 5000 денари месечно, ако имате 2000 пациенти во тој случај ќе имате 10 илјади денари месечно плус“, изјава Никола Тодоров, министер за здравство.

Иако дел од лекарската фела ова зголемување го искоментираа како предизборна кампања, според министерот ова е рационално користење на средствата од здравствениот систем.

„Ова не е предизборна кампања, ова е рационално користење на средствата во здравствениот систем, имајте во предвид дека оваа година имаме зголемување на буџетот на фондот за околу 22 милиони евра“. Ја објавуваме мерката сега затоа што буџетот за наредната година се носи претходната годинавели тој.“

Според специјалистот по ургентна медицина и сопственик на здравствена установа, Јован Гурев, ова зголемување е мало и симболично.

„Потребно е најмалку 20 проценти да биде покачен капитациониот бод. Ако е само за 5 денари подобро е министерот ич да не ни покачува затоа што ние сме луѓе со  достоинство. Ова само од 10 проценти не е никакво покачување, а било, а не било исто ни е. Ако е толкаво покачувањето, тогаш моите пари нека одат во добротворни цели“, вели Гурев.

Изминатава недела беа објавени неколку нови мерки во здравството како што се зголемување на капитацијата на матичните стоматолози, проширувањето на позитивната листа на лекови, ставање во функција нова опрема за физикална терапија во поликлиниката „Букурешт“, пуштен во употреба компјутерски томограф за снимање на пациенти со мозочен удар, како и можноста за враќање на специјалистите и медицинските сестри од приватно во јавно здравство.

Подготви: Сандра Смилевска