Каракачанов објави честитка со мапа од голема Бугарија – Пендаровски: Отворено кршење на Договорот за добрососедство

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Честитка за 8-ми март со мапа која ја опфаќа целата територија на Македонија, дел од северна Грција, југоисточна Србија и дел од Албанија, објави бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов.

На својот официјален профил на социјалната мрежа Фејсбук тој на споделената карта на која го има логото на неговата партија ВМРО БНД пишува- „традиција, семејство, вредности, Бугарија над се“.

За претседателот на државата, ова е отворено кршење на договорот за добрососедство.

„Претседателот Пендаровски, во однос на ваквите изјави кои доаѓаат од Софија секогаш укажувал дека претставуваат отворено кршење на Договорот за добрососедство и ја поткопуваат довербата меѓу двете земји и народи.“, велат од кабинетот на Пендаровски.

Претседателот додава дека ваквите постапки се во спротивност на основните принципи и вредности на НАТО Алијансата во која и двете држави се рамноправни членка.

Во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија потпишан од премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов во 2017 година, во членот 11 став 3 се наведува „двете Договорни страни немаат и нема да пројавуваат територијални претензии една спрема друга.“
Ова не е прв пат од страна на Каракачанов да има провокативни изјави кои пак само го разгоруваат огнот меѓу двете земји. До сега официјално земјава не реагирала на ниту една од неговите изјави.