Првиот човек на Тетово вели дека одземањето на надлежностите за гимназијата Кирил Пејчиновиќ е направено за политичка одмазда од страна на МОН. Министерот Јетон Шаќири го нарече „министер на Мерко“, кој делувал спротивно законот. Најави дека ќе ја обжали одлуката.
„Министерот на Мерко, одлучува како неговиот ментор, против законот. Во законот јасно се вели дека министерот кога констатира прекршувања може да му ги одземе надлежностите на градоначалникот но не повеќе од една година. Знаеме дека ова е втор пат што се одземаат надлежностите. Ние ќе го обжалиме предметот но имајќи предвид дека правниот системот е заробен од ДУИ, не очекуваме позитивен одговор, но секако тие сакаат моделот на Рамиз Мерко во Струга да го спроведат во Тетово, но тетовци одлучиле поинаку, како што ќе одлучат граѓаните на Македонија следните избори“, вели Биљал Касами.
Образложението на МОН за одземање на надлежностите на општина Тетово е дека е поради недоделување на блок дотациите.
„Врз основа на извештајот на Државниот инспекторат за образование од извршената контрола во мај 2023 во гимназијата “Кирил Пејчиновиќ“ врз основа на член 108 од законот за средно образование и со одлука на министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, на градоначалникот на Тетово, Биљал Касами му се одземаат сите надлежности врз училиштето Кирил Пејчиновиќ во траење од 12 месеци. Според извештајот, градоначалникот на Тетово, Биљал Касами го прекршил член 101 од законот за средно образование, односно не доделил средства кои биле посветени од блок дотации за гимназијата “Кирил Пејчиновиќ“, велат од МОН.
Ова е втор пат МОН да му и ги одземе на општина Тетово надлежностите врз гимназијата. Првиот пат и беа одземени заради незаконско разрешување на директорката на гимназијата.
