Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами признава дека мнозинството на Општинскиот совет, уште од самиот почеток било кревко и дека повеќе проблеми имало со советниците од мнозинството, отколку со оние од опозицијата. Неизгласувањето на завршната сметка од независните советници кои го сочинуваат мнозинството, Касами го нарече уцена и политичка калкулација.
-Во однос на одговорноста и бевме, и не бевме информирани. Станува збор за политички калкулации. Советниците од мнозинството, некои од советниците, направија калкулации кои ги видовме и во јавност, за да го уценуваат и да му се закануваат на мнозинството – дека доколку не бидат прифатени нивните совети, консултации или барања, тие можат да ја доведат општината во криза, а во овој случај советот на избори. Резултатот е тој што е, вели Касами.
Во однос на ваквите обвинувања на Касами, советничката од листата „Подобро за Тетово“, Елмедина Абдулахи, вели дека општината самата ја исценирала ситуацијата за да ја оправда својата правна неспособност.
-И покрај нашата искрена заложба да ѝ помогнеме на општината да се справи со проблемите со кои се соочува во овој период, ние наместо да разговараме за решавање на проблеми или да имаме проблем или да имаме решенија, имаме ситуација за која се сомневаме дека е исценирана само за да ја оправдаат неспособноста за запазување законски рокови или да ја оправдаат грешката што ја направиле, вели Абдулахи.
Но, Касами негира дека прашањето на транспарентност ја води општината кон избори за Општински совет.
-Не, јас за ова велам дека поради транспарентноста, преголемите амбиции на некои советници, се оди на избори, инаку ние дадовме или ќе дадеме отчет пред граѓаните, со или без овие советници, рече Касами.
-Не сакам да коментира работи кои се изнесуваат без добро потврдени аргументи. Доколку барањето за транспарентност и отчет е уцена, тогаш навистина немам никаков коментар, вели Абдулахи.
Мнозинството советници на 7 април гласаа „воздржано“ за завршната сметка на општината, а на наредната седница не беа обезбедени гласови да се помине ниту на дневниот ред, бидејќи советот гласаше 15:15. Министерството за локална самоуправа во текот на денот ја извести Владата, која пак потоа треба да го информира Собранието, кое согласно законот ќе треба да распише избори за советници во Општина Тетово.
