Градоначалникот на Тетово Биљал Касами го посети 13-годишното девојче кое беше повредено бегајќи од кучињата скитници. По посетата на семејството Селмани, Касами рече дека општината го ангажирала здружението „Амос пет“ да продолжи со работа по неколкумесечна пауза, односно со отстранување на кучињата скитници од улица.
„Два-три дена се излезени на терен и таму каде што ситуацијата е најкритична ќе продолжат со собирање кучиња и во моментот кога ќе заврши договорот со „Амос“ ќе продолжиме со следниот проект да продолжиме и се соочиме со овој проблем на градот Тетово.“, рече Касами.
Според таткото на повреденото девојче, професорот Башким Селмани, општина Тетово, Владата и меѓународната заедница мора да преземат мерки бидејќи се кршат и правата на децата.
„Имаме родителска и граѓанска обврска да покренеме постапка за општината, Владата, пријава во ОБСЕ, која ја следи меѓународната безбедност на децата и младите врз основа на меѓународните конвенции. Исто така, како граѓани бараме и меѓународна помош, за оваа несигурност на децата и учениците. Им предлагаме на општинските органи да преземат и разгледаат поинаква акција од онаа до сега досега и тоа, формирање на централна комисија со граѓански карактер, каде што ќе можат да се вклучат сите категории граѓани како, студенти на ветеринарни факултети, активисти на различните здруженија кои ја вршат дејноста на оваа област, по еден претставник од населбите, кој може да го следи или евидентира движењето на бездомните кучиња и да ги спречи или открие лицата кои носат кучиња од други градови.“, изјави Селмани.
Пред неколку дена, во вечерните часови, 13-годишното девојче го повреди левото око додека бегаше од кучињата скитници кои ја нападнаа. Податоците на полицијата покажуваат дека само во 2023 година во Тетово 14 граѓани биле каснати од кучиња скитници, што значи дека на секои четири дена по еден граѓанин бил нападнат од кучиња.
