Дали Алијанса за Албанците на Зијадин Села ќе стане дел од Владата!? Еден од лидерите на ВЛЕН, Биљал Касами, вели дека постои интерес од Села, но според него Владата има стабилно мнозинство. Сепак, Касами вели дека доколку има потреба, подготвени се да разговараат.
Касами: Ние високо го цениме интересот на господинот Зијадин Села да биде дел од Владата.
-Прашувате дали има интерес Села да влезе во Владата?
„Има позитивни пораки дека би бил подготвен, под одредени услови, да биде дел од Владата и ние го цениме тој интерес. Во моментов сметаме дека Владата има стабилни бројки и нема потреба од нов политички субјект, но во моментот кога ќе оцениме дека има потреба и од таков субјект, сигурно ќе седнеме и ќе разговараме“, рече Касами.
За евентуален влез во Владата, Зијадин Села веќе јасно ги постави своите услови.
„Алијанса за Албанците не е политички субјект… и Зијадин Села не е човек што можете да го внесете во Владата преку некоја мала вратичка, бидејќи и физички сум речиси два метри. АШ е подготвена да разговара за политички теми, програмски и платформски прашања, со кого било што е мандатар на Владата. Ние не седнуваме да разговараме за министерства, туку за Уставот, за евроинтегративната перспектива, за Уставниот суд и Бадентерот во Уставниот суд“, вели Зијадин Села.
Додека се зборува за нови влезови во Владата и нејзина реконструкција, како друга опција се споменуваат и предвремени парламентарни избори. Самиот премиер Христијан Мицкоски во јавно обраќање изјави дека наскоро може да има предвремени избори.
