Касами ја отстранува велосипедската патека – судска постапка против Теута Арифи

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На наредба на градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, денеска започна отстранувањето на велосипедската патека. Бидејќи од МВР констатирале дека има нерегуларности во поставувањето на оваа патека, покрената е прекршочна постапка против општината и екс градоначалничката Теута Арифи. Сега се поставува прашањето, дали може да се отстрани патеката додека е во судска постапка?   Касами вели дека има одлука од судот во Тетово за отстранување на оваа патека.

„Од моментот кога ја презедов должноста, имаме судска одлука која бара елиминирање на велосипедската патека и улиците да се вратат во првобитната состојба, со што има и тужба против  општината и градоначалничката“, истакна Биљал Касами.

Но, која е вистината? ТВ21 денеска праша во МВР од каде ни рекоа дека испратиле две предупредувања и потоа е испратена една претставка за прекршок.

„Секторот за внатрешни работи Тетово, во два наврати годинава, испрати соодветни писмени предупредувања законски да  се регулира обликувањето на новата велосипедска патека во Тетово.И откако  адекватно не е постапено по двете предупредувања, СВР Тетово во април поднесе барање за покренување прекршочна постапка против правно лице и  одговорно лице“, велат од МВР.

Прашавме и во судот во Тетово, дали има судска одлука за отстранување на велосипедската патека, но   во одговорот што го добивме се вели дека има прекршочна постапка против екс градоначалничката Теута Арифи но не и судска одлука за отстранување на патеката.

„Ве известуваме дека по извршените проверки од страна на Прекршочниот оддел и АКСМИС системот на Основен суд Тетово, пред Основен суд Тетово поднесено е Барање за поведување на прекршочна постапка заведена под ПРК.бр 3485/21-С против обвинетите Општина Тетово – како правно лице и Теута Арифи како одговорно лице во правното лице, за прекршок казнив по член 348 ст.1 т.8 и т.9 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, обвинетите се повикани пред суд и постапката е во тек“, посочуваат од Основниот суд Тетово.

Велосипедската патека во Тетово општината ја чинеше 50 илјади евра, а  начинот на нејзината  реализација ги разбранува социјалните мрежи. Сега отстранувањето на велосипедската патека дали ќе значи и завршување на судската постапка, се чека да се види следниве денови.