На пат до работа, на првиот ден како градоначалник на Тетово, Биљал Касами одеше пеш. Од дома до Горна Чаршија придружен од симпатизери, поздравуван од граѓани на улица, стигна до општинската зграда. Во ходникот го пречекаа вработените. Откако го доби сертификатот за градоначалник, го пречека сега екс градоначалничката Теута Арифи која му посака успеси и рече дека функцијата ја предава на демократски начин.
„Денеска завршуваме така како што бараат демократските правила за постапката на примопредавање според изразената волја од страна на граѓаните. Сакам на избраниот градоначалник да му посакам успех во неговата работа и да се направат што подобри работи за нашиот град и нашите граѓани“, истакна Теута Арифи.
Откако седна во градоначалничката фотелја, Касами рече дека го чека многу работа, а вети дека првото нешто што ќе го направи е ревизија на општинскиот буџет. Рече исто така дека ќе ги поддржи сите вработени во администрацијата кои правилно си ја вршат својата работа. Од понеделник рече дека ќе го има акциониот план за првите 100 дена.
„Од овој момент ќе почне скенирање на состојбата во Општина Тетово и секако следејќи ги законските одредби ќе ангажираме специјалисти надвор од институциите за целосна ревизија. Граѓаните и институциите треба да знаат каде и како се потрошени нивните пари, граѓаните треба да знаат колку должи општина Тетово и како се создадени тие долгови. Транспарентноста почнува од овде, кој ги злоупотребил финансиските средства ќе одговора, веднаш ќе почнеме со скенирање на јавните претпријатија и именување на раководителите на овие претпријатија. Вработените во општинската администрација кои ја вршат работата професионално ќе ја имаат мојата целосна поддршка но ќе се ангажирам за нивно унапредување за да го добијат нивното заслужено место“, посочи Биљал Касами.
Во претпладневните часови сертификат добија и 31 општински советници. Но се уште не се знае кога ќе се одржи првата седница на Советот и со кого ќе се формира мнозинство. Касами пред медиумите го повтори ставот дека има мнозинство во Советот но не кажа со кои политички партии.
„Ќе дојдат следните денови и ќе видиме“, додаде Биљал Касами.
Вчера ТВ21 контактираше со сите партии кои имаат претставници во општинскиот совет на Тетово, а велат дека се уште немаат политички договор и дека следниве денови очекуваат конкретна понуда од градоначалникот на општината Биљал Касами.
