Нема решение за булеварот Благој Тоска. Бројот на сообраќајки постојано расте, а досега не се поставени семафорите, а не е направен ниту кружниот тек, таму каде што се вкрстува со улицата 29 ноември. Овде скоро секоја недела се случуваат најмалку по две сообраќајни несреќи. Првиот човек на општината, Биљал Касами, рече дека булеварот е пуштен во употреба со почитување на сите процедури, и на овој начин ги отфрли обвинувањата на СВР Тетово дека Благој Тоска е пуштен во употреба без согласност на полицијата.
„Тетовските патишта се блокирани и тоа е одговорност на сообраќајот. СВР треба да ја врши својата работа и да не се бави со политички прашања. Булеварот Благој Тоска е пуштен во употреба врз основа на сите стандарди и сите документи. Што се однесува до крстосницата која е проблематична, таму има соодветна сигнализација. Прашањето на семафори е друга процедура и додатната сигнализација која е во врска со средувањето на сообраќајот. Но таму има соодветна сигнализација според улиците кои се во таа крстосница. Не држи вода тоа дека е пуштен во употреба без соодветна дозвола, напротив, доколку има зголемен број на сообраќајни несреќи, полицијата треба да го зголеми нивното присуство таму за да се спречи или намали загрозувањето на животите на граѓаните. Но тие не ја вршат нивната работа, туку се занимаваат со политички изјави. Секако дека кога е пуштен во употреба булеварот, се испочитувани сите законски постапки.“, рече Касами.
Но од СВР Тетово велат дека булеварот Тоска е пуштен во употреба без нивна согласност. Портпаролот Фамир Реџепи вели дека СВР Тетово испратила предмет до Обвинителство поради тоа што овој булевар е пуштен без дозвола. Реџепи исто така додаде дека преку службено известување, тетовската полиција ја известила општината дека направила прекршок и не ги почитувала процедурите.
„Што се однесува до времето кога беше пуштен во употреба и промена на режимот на булеварот „Благоја Тоска“ на патот што се вкрстува со улицата „29 Ноември“, „Браќа Миладиновци“, кога го пуштија во употреба, тоа беше направено без согласност на СВР Тетово, поради тоа Секторот за внатрешни работи испрати соодветен поднесок до Јавното обвинителство во врска со промената на режимот на сообраќај на булеварот „Благоја Тоска“ без да се добие согласност од СВР Тетово.“, изјави Реџепи.
Во Тетово за само 10 месеци се случиле 335 сообраќајни несреќи, а во овој број не се опфатени тие сообраќајни несреќи каде што инволвираните се договориле според европски систем.
