Првиот човек на Беса, Биљал Касами се труди да ги врати во партија оние кои во 2018 си заминаа и кои ја формираа Алтернатива. На сите им е отворена вратата да се вратат, продолжувајќи онаму каде што застанаа, вели Касами. Како што додава, најреална варијанта е најмалку двајца пратеници од опозициската Алтернатива да станат дел од парламентарното мнозинство.
„Има две опции – или да зборуваме за нивното враќање целосно како група во Движењето Беса и заедничко продолжување на мисијата, секако како дел од Владата. Доколку ова не се случи, втората и најсигурна опција е најмалку двајца од овие пратеници да станат дел од парламентарното мнозинство“, истакна Биљал Касами.
Генералниот секретар на Алтернатива, Скендер Реџепи, вели дека не разбира зошто треба да се зборува за политички субјект кој својот идеал го „претопил“ во СДСМ. Додава дека не е можна ниту комбинацијата за обединување Беса-Алтернатива. Во однос на тоа – пратеници од опозиција да преминат во власта, низ иронија рече – да не случајно претседателите Села и Гаши му се приклучиле на мнозинството, со оглед на тоа што останатите пратеници беа присутни?
„Во моментов др.Хисни Исмаили не е тука, но тој е со Ковид. Тогаш, ако можеби преминале двајца, значи дека тоа се нашите претседатели, бидејќи ние тврдиме дека не правиме пазар со никого. Искрено, политичкиот субјект кој го спомнавте вие, не е достоен за да се занимаваме со вакви математики и пресметки“, вели Скендер Реџепи.
Власта веќе неколку месеци повторува дека пратеници било од албанската, или македонската опозиција, ќе му се приклучат на парламентарното мнозинство. Од неодамна и опозициската ВМРО-ДПМНЕ почна со ваква реторика, велејќи дека преговара со пратеници од власта, со кои ќе формираат ново мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ.