Градоначалникот на Тетово зборуваше за изградбата на катна гаража зад локацијата Тиволи. Рече дека кога дошол на челото на општината, нашол проект за паркинзи со два ката, но го прекинал бидејќи, како што додаде, имало коруптивни елементи и незадоволство од жителите.
„Концептот претходно беше монтажен паркинг на два ката, сега зборуваме за катна гража што е друг концепт. Овој концепт ќе се направи заедно со жителите. Ние во ниту еден момент не им негираме на жителите да имаат паркинг за резиденти кои имаат адреса на живеење на тоа место. Јас кога дојдов на функцијата градоначалник најдов таков проект. Беше оценето дека има незадоволство и отпор од жителите. Имаше и коруптивни елементи и затоа истиот е прекинат“, вели Биљал Касами.
Сепак паркинзите според Касами ќе се изградат откако ќе се решат проблемите со водата, канализацијата и училиштата.
„Додека не ги решиме другите основни проблеми кои се поврзани со подобри услови, патишта, училишта, градинки и се поврзано со основните потреби, вода, канализација, ние не можеме да градиме катни гаражи и уште повеќе катните гаражи се и од комерцијален интерес и има интерес и приватници за да ги изградат“, порача Биљал Касами.
Прашањето со катните гаражи беше едно од главните ветувања на Касами. Тој денеска пушти во употреба неколку паркинг места кои претходно беа гаражи на згради, а рече дека такви паркинзи ќе бидат пуштени во употреба и следните недели.
