Со инвестиција од околу еден милион евра обезбедена преку унгарскиот кредит, денеска официјално беше пуштен во употреба целосно реконструираниот градски базен во Кавадарци. Обновениот комплекс, кој по четири децении доби целосно нов лик, треба да прерасне во современ спортско-рекреативен центар за граѓаните од Кавадарци и регионот.
На свеченото отворање присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерот за спорт Борко Ристовски и градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.
Реконструкцијата беше реализирана со финансиска поддршка преку вториот јавен повик на Владата, односно со средства од унгарскиот заем, а опфати целосна обнова на базенскиот комплекс.
Извршена е реконструкција на големиот и малиот базен, поставен е нов систем за филтрација и пречистување на водата, изградени се нови водни атракции и тобогани, детски реквизити, современо игралиште, обновени се соблекувалните, санитарните јазли, лекарската просторија, пристапните патеки и останатите придружни содржини.
Од Општина Кавадарци посочија дека со оваа инвестиција градот добива модерен спортско-рекреативен комплекс кој ќе биде достапен за сите генерации и ќе претставува една од најатрактивните летни содржини во државата.
Градоначалникот Митко Јанчев истакна дека по 40 години од изградбата, базенот конечно добива целосна реконструкција, благодарение на поддршката од Владата преку унгарскиот кредит.
– Ова е комплетен грант за Општина Кавадарци и инвестиција со која добиваме еден од најсовремените рекреативни центри. По четири децении, овој објект повторно ќе биде место за спорт, рекреација и дружење на граѓаните – посочи Јанчев.
Министерот за спорт Борко Ристовски нагласи дека Владата продолжува со вложувања во спортската инфраструктура низ земјата, со цел создавање подобри услови за развој на спортот и рекреацијата.
– Ќе инвестираме во сè она што значи развој на спортот и рекреацијата, за што повеќе деца и возрасни да имаат можност да се занимаваат со здрав спортски живот – изјави Ристовски.
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека реконструираниот базен е пример како средствата од унгарскиот кредит се насочуваат кон проекти што директно им служат на граѓаните.
– Од целосно запуштен објект, денеска гледаме модерен спортско-рекреативен центар. Најмногу ме радува што нашите најмлади ќе можат да уживаат во условите што ги создадовме за нив – рече Мицкоски.
Со новиот изглед, градскиот базен во Кавадарци станува еден од поголемите спортско-рекреативни проекти реализирани со поддршка од унгарскиот кредит.
