Кавга во Собранието поради Филипче, ВМРО-ДПМНЕ бара седница за разрешување, Џафери: Немам добиено оставка

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Жестока расправа во Собранието околу барањето на ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница да се расправа за оставката на министерот за здравство Венко Филипче и тоа веднаш да се стави на дневниот ред. Немам јас добиено никаква оставка и немам што да ставам на дневен ред им одговори претседателот на Собранието Талат Џафери.

„Оставката на член на Владата до претседателот на Собранието се поднесува преку претседателот на Владата. Имам добиено јас таков предмет, таков предлог од некого? Немам. Зошто? Ако има таков материјал, јас сум должен веднаш тоа да го доставам до вас. Што да доставам до вас кога не сум добил. А ме повикувате на прва наредна седница да одлучувам, за што да одлучувам. Ама вие читате само став 1 кој што мислите дека за јавноста ви одговара за процедурата овде.“, рече Џафери.

По ова од пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ побараа преку курир премиерот веднаш да им ја достави оставката од Филипче. Велите оставката е поднесена. Каде е оставката, праша координарот Никола Мицевски.

„Значи ни одржавте предавање за се и сешто освен за тоа што треба да се случи. Луѓе, се работи за сериозна институција која што во моментот согласно она што го слушаме од медиумите е обезглавена. Ние имаме министер и заменик министер кои што поднеле оставка, во време на пандемија. Премногу сериозна институција за да ја оставиме обезглавена и да чекаме да заврши пи-ар приказната на Зоран Заев и луѓето околу него. Затоа, ја повикувам Владата согласно Устав и Деловник да ја достави оставката на министерот и заменик министерот до Собранието“, рече Мицевски.

Атнан Азири од Алијанса за Албанците смета дека премиерот треба да ја прифати оставката. Мора некој да ја понесе одговорноста рече тој.

Од СДСМ сметаат дека барањето на ВМРО-ДПМНЕ е манипулација од опозицијата бидејќи тоа е кршење на Уставот и Деловникот.

„При ситуација кога ниту има материјал, ниту може да биде ставена точката на дневен ред, па дури и под претпоставка да стигне оставката во Собрание од страна на Владата, односно премиерот, таа треба да биде ставена на првата наредна седница.“, вели Калеска-Ванчевска.

Министерот за здравство Венко Филипче оставката ја поднесе на 10-ти овој месец, само два дена по страотниот пожар на модуларната болница во Тетово во кој загинаа 14 лица. Заедно со Филипче оставка поднесе и заменик министерот Илир Хасани и директорите на болницата Флорим Бесими и Артан Етеми. Досега премиерот Заев се уште не се изјаснил дали ќе ја прифати оставката.