Кавги, обвинувања и жестоки полемики, вака започна денешната собраниска седница на која пратениците од опозициските партии на Албанците реагираа на закажувањето на седницата. Тие го нападнаа претседателот на Собранието Африм Гаши затоа што закажал три седници во краток рок, како и за тоа што на еден од законите што е на дневен ред Гаши ја потпишал верзијата на македонски, но не и на албански јазик.
„Дневниот ред заедно со сите материјали треба да се достави до пратениците најмалку 10 работни дена пред одржување на седницата. Исто така по став 2 и 3 на истиот член во случај кога има ургентна постапка ургентноста треба да се образложи писмено и ова го немаме“, вели Рина Ајдари.
„Нема да ви простиме господине Африм Гаши вие што на овој начин ги доставувате законите и потписот стои само на македонската верзија, додека на албанската верзија нема ни архивски број ни потпис. Ако си одлучувал, јас кажувам дека самите ќе се подобрите треба самите да се подобрите. Сум кажала дека институционалната комуникација помеѓу Собранието и Владата треба да биде на два јазици“, изјави Илире Даути.
Претседателот на Собранието Африм Гаши им забележа дека ја злоупотребуваат можноста за процедурална забелешка за да ја блокираат седницата, а дека Деловникот воопшто не е прекршен.
„Сите овие импровизации кои ги правите сакајќи со процедурално да ја блокирате оваа седница нема да можете бидејќи ова кажувам е последен пат што зборувате за истата работа два пати. Нема да дозволам на ниту еден пратеник да зема процедурално за истата работа“, изјави Гаши.
На ова пак реагираше Халил Снопче од Алијанса за Албанците.
„Така не можете да кажете, ќе ја дозволите процедурата како што пишува не како што на вас ви одговара. Ова не може да го коментирате како вас ви се допаѓа. Срам е за вас Африм Гаши, не од мене, не се свикува седница вака како што правите. Овде правите корупција заедно со законите за образование, за квалитетот на образованието. Со дозвола на кого беше свикана седницата. Ова е корупција во Собранието. Така сакате да продолжите? Тогаш пријатна работа нека ви е“, рече Халил Снопче.
Аднан Азизи пак обвини дека опозицијата прави циркус кога нема што да предложи.
„Овде се прави една игра како на циркус и за жал опозицијата нема никаква кауза, нема што да збори, нема аргументи и создаде една кауза за блокирање на Собранието без никаква причина“, вели Аднан Азизи.
Африм Гаши за да ја смири ситуацијата даде пауза и ги свика координаторите на вонреден состанок. По паузата, седницата продолжи.
