Казино во Кичево користело уред за манипулација со броила, утврдена штета од над 2,7 милиони денари

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Над 2,7 милиони денари изнесува утврдената штета од неовластено користење електрична енергија во казино на улицата Магистрален пат во Кичево, каде што бил откриен уред за манипулација со мерните инструменти.

Од „Електродистрибуција“ информираат дека случајот бил откриен при теренска контрола спроведена од Специјализираниот тим за откривање неовластено користење електрична енергија. Контролата следувала по детални анализи на потрошувачката и континуирано следење на динамиката на користење на електричната енергија.

При проверката било забележано нетипично однесување на мерните уреди, како и абнормално зуење во мерниот ормар.

„Со извршените мерења е регистрирана фреквенција од 225 до 340 Hz, што претставува значително отстапување од стандардните 50 Hz. Користење на уред за манипулација со фреквенции, набавен на црниот пазар, со кој било овозможено влијание врз две броила и делумно или целосно нерегистрирање на реално потрошената електрична енергија“, соопштија од компанијата.

Од таму додаваат дека бил составен записник за неовластено користење електрична енергија и била поднесена пријава до Министерството за внатрешни работи за неовластено преземање електрична енергија.

За двете мерни места биле изготвени посебни фактури за надомест на штета, чиј вкупен износ достигнува 2.722.798 денари.