„Казна за родителот чие дете е сторител на насилие“ – Јаневска: Децата оружјето не го наоѓаат во училиштето, од дома го носат

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По инцидентот во основното училиште во Општина Гази Баба, каде што малолетник беше повреден од свој врсник со остар предмет, министерката за образование, Весна Јаневска побара законски измени за казнување на родителите на децата кои вршат насилство во училиштата. Таа апелираше родителите да покажат поголема грижа кон своите деца, нагласувајќи дека агресивноста не се создава во училиштето, туку децата ја носат однадвор. Јаневска најави враќање на одделенските наставници-воспитувачи и лиценцирање на училишните психолози за поблиска работа со учениците, родителите и наставниците.

„Ќе ги замолам пратениците да побараат измена и дополнување на Законот за основно образование, да вметнеме казна за родителот чие дете е сторител на насилство во училиштето. Во моментов разговараме со нив за да се формулира таа измена и дополнување на законот. Сè додека има потреба и додека реалноста наложува, ќе правиме измени на законите за да воспоставиме не само мирна ученичка средина, туку и развој на ученичка средина која, за жал, не покажува резултати и покрај промените што во изминатите две и пол години ги правиме“, рече министерката за образование Јаневска.