Претседателот на собранието, Талат Џафери и неговиот австриски колега, Волфганг Соботка потпишаа одлука за одржување заеднички работилници.
Освен ова, во име на нивните држави, ветија и дека ќе допринесат за подигнување на безбедноста на границите од мигрантска криза откако Турција ги отвори границите за Сиријците, а Грција се труди да ги спречи истите да ги поминат нејзините граници.
Претседателот на собранието на Македонија, талат Џафери изјави дека безбедноста на границите е на највисоко ниво.
„Во овој контекст сакам да додадам дека соработката на нашите институции со европските, особено со Фронтекс, е на највисоко можно ниво и во тој контекст, покрај другото треба да се истакне дека дел од тој контингент на јужната граница е и австриската полиција која допринесува во целиот овој процес“, истакна Талат Џафери.
Австрија ќе лобира и за добивањето датум за почеток на преговорите со ЕУ во текот на март. Претседателот на австриското собрание, Соботка, рече дека атмосферата во ЕУ е сменета за разлика од октомври меѓутоа додаде дека не може да биде многу ентузијаст.
„Јас, искрено, не гледам веќе пречка за давање зелено светло за почеток на преговорите со Северна Македонија. Ние самите даваме се и лобираме и цело време ја нагласуваме нашата поддршка секаде каде што се присутни нашите министри. Но, јас сакам да бидам внимателен во однос на ова прашање“, додаде Волфганг Соботка.
За тоа дали ќе се смени курсот на нашата земја по 12 април, Џафери изјави дека нема причина да бидеме скептични за тој дел.
