Жителите на Крушево повторно можат да ја користат водата од градскиот водовод за пиење и за домашни потреби, по три последователни лабораториски анализи со исправни резултати.
Центарот за јавно здравје во Прилеп потврди дека водата е безбедна од бактериолошки и хемиски аспект, со соодветно ниво на хлор. По овие резултати, Агенцијата за храна и ветеринарство ја изврши финалната контрола и ја укина забраната за користење на водата од крушевскиот водовод.
Забраната беше воведена на 23 јули, откако при рутинска контрола беа откриени фекални бактерии во водата.
Во меѓувреме, Центарот за јавно здравје информира дека водата од јавните чешми долж патот кон Крушево сè уште не се препорачува за пиење, бидејќи анализите и понатаму покажуваат бактериолошко загадување.
