Албанскиот пратеник и лидер на партијата „Можност“, Агрон Шехај, е суспендиран од работата на парламентот во траење од 60 дена поради инцидент со доверлив документ поврзан со договор за заем од 302 милиони долари меѓу Албанија и САД за набавка на воена опрема.
Според владејачката Социјалистичка партија, Шехај ја изнел копијата од документот од просторијата каде што пратениците имале право само да ја разгледуваат, и покрај забраната. Парламентарната Комисија за етика му ја изрече максималната дисциплинска мерка, а случајот е пријавен и до специјалното обвинителство СПАК.
Шехај не го загуби пратеничкиот мандат, а за евентуална кривична одговорност ќе одлучуваат обвинителството и судот. Случајот отвори дебата за балансот меѓу заштитата на доверливите информации и правото на парламентот да врши надзор врз големи државни договори.
