Ќе им дојде ли крајот на „градовите на казината“? Владата ветува, движењето „Антикоцкање“ скептично

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со новиот закон за игри на среќа, нашите градови повеќе нема да изгледаат како големи центри на казина. Ова е ветувањето на премиерот Христијан Мицкоски, по усвојувањето на предлог-законот на последната владина седница. Според првиот човек на извршната власт, законот не ја таргетира само индустријата за коцкање, туку и бизнисите за брзи кредити кои се развиле покрај неа.

„Ние го ветивме овој закон и работевме многу внимателно на него, разгледувајќи ги сите параметри поврзани со оваа индустрија. Постојат стандарди и политики, а оваа Влада смета дека не доликува градовите да изгледаат со тие реклами и билборди како градови на казина поврзани со оваа индустрија. Со овој закон ќе се стави крај на таквата перцепција кај граѓаните. Во близина на овие казина се отвораат и продавници кои даваат брзи кредити, а тоа е следната работа на која ќе работиме“, изјави Мицкоски.

Но, од Движењето Антикоцкање се песимисти дека овој закон ќе помине, посочувајќи дека многупати бил ветуван, а никогаш не бил усвоен. Според нив, секој закон е добар, иако тоа не е законот што тие го барале – казината да бидат најмалку три километри надвор од секое населено место.

„Секој закон што е позитивен ќе го поздравиме, но имаме резерва и треба да видиме каков квалитет ќе понуди. Иако остана линијата од 500 метри воздушна оддалеченост, сега се споменуваат само училиштата, а не и верските објекти. Скептични сме, иако многу се зборуваше, но не сме сигурни дека овој закон ќе помине, бидејќи од нашето десетгодишно искуство, многупати било ветувано, но никогаш не се реализирало тоа што било кажано“, рече Јуши Емурлау од движењето „Антикоцкање“.

Новиот предлог-закон за игри на среќа предвидува построги мерки против нелегалното коцкање и агресивното рекламирање, забранувајќи реклами што го претставуваат коцкањето како пат до финансиски успех или решение за лични проблеми. Законот забранува и промоција преку јавни личности и содржини наменети за малолетници, додека казината, обложувалниците и објектите за игри на среќа ќе мора да бидат најмалку 500 метри оддалечени од основните и средните училишта, каде исто така ќе биде забрането поставување електронски терминали за игри на среќа.