Ќе има ли напредок во преговорите? По папата, Ковачевски на средба со Петков

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Ковачевски и владината делегација се во дводневна посета на Рим и Ватикан, во рамки на традиционалното чествување на 24 Мај Денот на просветителите свети Кирил и Методиј. Тие денеска беа пречекани од неговата светост, Папата Франциск. Премиерот извести дека е започната иницијатива за потпишување договор, меѓу Македонија и Светиот Престол со што би се регулирал статусот на Католичката црква во нашата земја и ќе се промовира соработка во областите од заеднички интерес.

На прашањето кои се очекувањата од следната средба со бугарскиот премиер Кирил Петков кој исто така е во Рим, Ковачески истакна дека ќе имаат средба на која ќе се дискутира за текот на преговорите меѓу двете МНР. Инаку Петков рече пред новинарите дека би бил среќен доколку Радев го свика Националниот совет.

„Значи, за укинувањето на бугарското вето според мене може да се зборува дури откако МНР ќе ги претстави последните резултати од напредокот во дијалогот и ќе го одржи Советот за безбедност и сите служби и потоа сето тоа ќе биде претставено пред парламентот и да одлучиме со јасна иницијатива што треба да направи бугарската влада, бидејќи таа е најширок формат и мислам дека е најважна институција“, рече Петков.

Колку повеќе бугарската влада се придржува до официјалниот бугарски став претставен во документите усвоени во Собранието и на последниот состанок на Консултативниот совет за национална безбедност, толку повеќе владата на Кирил Петков го слуша гласот на Бугарите во Бугарија и Северна Македонија, смета бугарскиот претседател Румен Радев.

„Мислам дека колку повеќе Владата се држи до официјалниот став на Бугарија, како и до заклучоците од последниот Совет за безбедност, толку е подлабок случајот со Бугарите во РСМ, колку поодговорно се однесуваме како членки на ЕУ и се придржуваме до тие принципи, толку полесно ќе биде во политиката и спогодбата со РСМ“, вели Радев.

Ова денеска го изјави шефот на бугарската држава, откако бугарскиот премиер Кирил Петков во петокот го покани да свика седница на Консултативниот совет за национална безбедност на тема Северна Македонија.