Ученик во Загреб избоде соученик и хигиеничарка

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Сериозен напад се случи утрово, околу 8:00 часот, во средно училиште на улицата „Конавоска“ во загрепската населба Волтино, при што еден ученик со нож нападнал друг ученик и хигиеничарка. Напаѓачот е во полициски притвор, а повредените добиваат лекарска помош.

Според неофицијални информации, напаѓачот носел фантомка за време на насилниот инцидент. Станува збор за вид платнена маска што ја покрива целата глава и лице, со отвори само за очите и устата, со што целосно се крие идентитетот на лицето што ја носи.

Полицијата го потврди нападот; повредените пренесени во болница на носилки
Полициската управа на Загреб официјално го потврди нападот.

„Денес, на 11 септември, околу 8:00 часот, во образовна установа на улицата ‘Конавоска’ во Загреб се случи инцидент во кој ученик со остар предмет повредил друг ученик и вработено лице. Ученикот што ги нанел повредите е во полициски притвор. Повредените добија лекарска помош, а полицијата врши увид на лице место и спроведува криминалистичка истрага за да се утврдат сите околности на настанот“, соопшти полицијата.

Според досегашните информации, има две повредени лица. Снимките и фотографиите од пред зградата во Волтино прикажуваат драматични сцени во кои екипите на брзата помош ставаат најмалку две лица на носилки, ги внесуваат во возилата и ги превезуваат во болница.

Полицијата и службите за итна помош добиле пријава за нападот веднаш по 8:00 часот, по што на местото пристигнале голем број полицајци и возила на брзата помош со вклучени ротациони светла. Станува збор за комплекс во кој се сместени две средни училишта и една високообразовна установа.

Утрово никој не се јавуваше на телефонските повици во училиштето, а едно лице поврзано со установата кратко по нападот изјави дека во зградата се случува „некаква криза“.

Полицијата го обезбеди местото на настанот и спроведува истрага и криминалистичка обработка за да се утврдат мотивот на напаѓачот и сите околности на ова насилство без преседан во училиштето.