Ќе има ли ново парламентарно мнозинство? – Мицкоски: Бидете трпеливи, ќе бидете изненадени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Бидете трпеливи и многу скоро ќе бидете изненадени, одговори претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на прашањето што се случи со најавите за формирање ново парламентарно мнозинство. Неодамна потпретседателот на партијата Александар Николовски рече дека им се потребни уште тројца пратеници.

„Бидете трпеливи и се надевам дека многу скоро ќе бидете изненадени пријатно, или непријатно. Или ќе има консензус или ќе се слуша тоа што го кажува опозицијата или ќе се случи во државата да имаме ваква ситуација, или се разбира предвремени парламентарни избори или конечно на крај, четвртата опција, ново постабилно парламентарно мнозинство“, истакна Христијан Мицкоски.

Но, пред само неколку дена потпретседателот на СДСМ Мухамед Зеќири во писмена изјава за ТВ21 порача дека можно е други партии да им се приклучат во власта.

„Со нашите политики и реформи кои ја водат земјата напред и стратешките движења на Владата кон ЕУ и со полноправното членство во НАТО, очекуваме да се зголеми парламентарното мнозинство. Всушност да имаме поддршка и од други партии“, посочи Мухамед Зекири.

Тој ова го кажа по повод шпекулациите дека е можно Алтернатива да биде дел од парламентарното мнозинство. Како што објави ТВ21 пред неколку денаофицијално, СДСМ не упатила барање, но Скендер Реџепи од оваа партија вели дека е разговарано дека Заев сака Алтернативата да влезе во Владата. Меѓутоа тоа нема да се реализира доколку понудата не важи и за Алијансата за Албанците.

„Ние сме во коалиција со Алијанса и ние утре можеме да бидеме дел  од власта само со заедничка понуда и за Алијанса и Алтернатива“, вели Скендер Реџепи.

Инаку, пратеничкиот состав на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата бројат 44 пратеници, а заедно со опозициската Алијанса за Албанците со 8, потоа Алтернатива со 4 и двајцата пратеници од Левица вкупно имаат 58 пратеници, а за ново парламентарно мнозинство им требаат уште токму тројца пратеници колку што рече Николоски.