Ќе има ли правосуден на албански? – Реџепи: Нема да го прашам министерот зашто има шовинистички речник

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Прашањето за полагањето на правосудниот испит дојде на седницата за пратенички прашања. Пратеникот на Европскиот фронт Скендер Реџепи за ова рече дека не сака да го постави прашањето до министерот за правда бидејќи како што рече има шовинистички речник и дека не заслужува да му се обрати затоа одговор побара од премиерот Мицкоски.

„Се разбира не му давам луксуз на министерот за правда да му поставам прашање затоа што сметам дека неговиот шовинистички речник кој што се крие зад неговиот внатрешен лажен патриотизам не заслужува да му се обратам. Премиере пред мене е законот кој што е за полагање на правосуден испит, јавно ве прашувам да ми кажете и на јавноста каде во кој член од овој закон стои дека правосудниот испит треба да се полага на македонски јазик“, вели Скендер Реџепи.

Премиерот Мицкоски цитирајќи го Уставот му одговори дека за да може правосудниот да се полага на албански јазик потребно е тоа да се усогласи со закон. Тој уверува дека се работи на решавање на овој проблем.

„Во органите на државната власт во Република Македонија службен јазик различен од македонскиот може да се користи во согласност со закон. Ако го читате Законот за јазици ќе дојдете до заклучок дека Законот за јазици е лекс генералис, не може да натсинхронизира лекс специјалис како што е правосудниот испит. Ние како Влада, бидејќи немам време да ви одговорам целосно, еве ќе ви кажам на кратко бараме начин и ќе го најдеме тој начин“, вели Христијан Мицкоски.

Минатата недела министерот за правда на прашање дали останува на ставот дека нема можност за полагање правосуден испит на албански јазик, тој само кратко одговори дека тоа прашање за него е затворено.